Таа предупреди дека мерките за заштита мора да останат, бидејќи премногу брзо олеснување на мерките и премногу релаксирање носи ризик од трет бран по Божик
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека првите граѓани на Европа ќе бидат вакцинирани против ковид-19 пред крајот на декември оваа година.
Во својот говор пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен предупреди дека и покрај „светлото на крајот од тунелот“ не смее да има брзо олеснување на мерките воведени против ширење на вирусот.
„Ситуацијата со пандемијата и натаму е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи на ден, ковид-19 беше причина број еден за смрт во ЕУ минатата недела. Болниците сѐ уште се под притисок, знам дека сопствениците на продавниците и на угостителите сакаат да се укинат ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме истите грешки. Премногу брзо релаксирање носи ризик од трет бран по Божик”,
рече Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека овој Божик во ЕУ ќе биде поинаков и потивок, но дека има и добри вести.
„Европската комисија досега обезбеди договори со шест компании. Првите европски граѓани би можеле да бидат вакцинирани пред крајот на декември. Светлото е конечно на крајот на тунелот“,
рече Фон дер Лајен.
Таа ги повика земјите членки веднаш да подготват логистика за распоредување на милиони дози вакцини, вклучувајќи милиони шприцови, ладилници, организација на центри за вакцинација и обука на персонал.
Европската комисија вчера соопшти дека постигнала договор со американската биотехнолошка компанија „Модерна“ за набавка на нејзината вакцина против ковид-19.