Ако низ годините се зборуваше дека оваа влада се грижи за инвестициите и дека капиталните расходи се многу високи, па дури и за 2023 г. се пофалија со рекордна реализација на капитални расходи од 700 милиони евра, како е возможно да дојдете до раст од 1 % на БДП – прашува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Не само што не е пресилна, туку е и блага, зашто може да зборуваме за банкрот или катаклизма на буџетот – вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашана дали е реална констатацијата дека „владата на СДСМ и ДУИ нè турна во фискална провалија“ која таа ја употреби по неодамнешното објавување на податоците за растот на БДП за 2023 година и висината на јавниот долг. Ако низ годините се зборуваше дека оваа влада се грижи за инвестициите и дека капиталните расходи се многу високи, па дури и дека во 2023 се пофалија со рекордна реализација на капитални расходи од 700 милиони евра, како е возможно да дојдете до раст од 1% на БДП, прашува Димитриеска-Кочоска.

„Многу ми е жал што се манипулира со бројките, има точни пресметки како се утврдува БДП, тоа не е просечна средина од четирите квартали, си има пресметки и пресметано е точно дека е 1%. И сега би требало Министерството за финансии, не знам зоошто не ги коригира податоците. Ако ги погледнеме, ќе кажеме дека ние имаме веќе 62,1 % јавен долг, го надминавме оној дозволен. Дозволен зашто утврдивме фискални правила во Законот за буџет и кажавме дека се дозволува нивото на јавниот долг да оди до 60 % од БДП, веќе сме 62,1 %. Три проценти рековме дека ќе биде буџетскиот дефицит, тој е многу повисок – 4,9 % и тоа покажува дека навистина состојбата е алармантна“,
вели Димитриеска-Кочоска.
Според неа, лани се потрошени над 700 милони евра наводно за капитални трансфери, кои очигледно не дале резултат, бидејќи ако навистина се потрошиле наменски за капитални инвестиции, БДП немало да порасне само 1 %, туку повеќе.
„Реалноста е дека мал дел од овие средства отидоа на капитални инвестиции. Сето останато се различни трансфери кои се даваат по претпријатијата. Во последните три години имаме 360 милиони евра трансфери кои се дадени на ЕСМ, со 360 милиони евра ќе направеа централа. Тоа се пари да ги покријат криминалите и корупцијата во АД ЕСМ, а не за да ја субвенционираат цената на струјата. Немаше потреба да субвенционираат струја доколку работеа како што треба“,
смета потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.
За Димитриеска-Кочоска, јавниот долг е репер за финансиската сосотојба на државата.
Димитриеска-Кочоска: Имавме еден период во минатото кога јавниот долг беше на пониско ниво и во тој период други излегуваа на прес-конференции од СДСМ и тврдеа дека готово, државата е во банкрот, за денес да имаме дуплирање на јавниот долг и фискална провалија е баш соодветен збор. Дури и банкрот би бил уште посоодветен збор за она што ни се случува денес. Зошто го говорам ова? Се враќам повторно на јавниот догл бидејќи тој е репер некаков во какава состојба сме. Ако во минатото задолжувањето беше за нешто што можеме да го видиме и останува за идните генерации, дали ни се допаѓало или не, не навлегувам во тој дел. Но, останало нешто што може да видиме со голо око дека постои.
360°: Мислите на „Скопје 2014“?
Димитриеска-Кочоска: Не е само „Скопје 2014“. Се градеа сали, се градеа училишта, се купуваше опрема за во здравство, автопатишта – периодот до 2016-2017 г.

Според неа, ковид-пандемијата и енергетската криза засилена со руската агресија на Украина и растот на цените се земаат предвид, но не се оправдување за трошење без усул.
„Да се вратиме во 2020 г. кога воопшто немаше никави мерки за штедење, бев во техничката влада, не се внимаваше на ниту еден трошок. Од една страна, расходната страна не ја кратите, само додавате, а приходната паѓа како резултат на затворена економија, голем дел од компаниите беа затворени во еден период и како резултат на тоа, вие не преземате ништо на расходната страна да ја скратите, туку се однесувате како да нема криза и плус трошите и велите трошите за да ги спасите компаниите“,
коментира таа.