„Една иста фирма, во општините кои ги водат градоначалниците на ДПМНЕ, но и во институциите добиваат милионски суми од тендерите и најчесто се јавуваат како единствени понудувачи. Се работи за фирма омилена на власта „Мастраф ДООЕЛ Скопје“, рече портпаролката на СДСМ
Како омилени фирми на власта добиваат милионски суми преку тендери и колку е проширена пајажината од овие мрежи низ општините и институциите. Ова е темата на денешната прес-конференција на портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, на која обзнани дека открива нов скандал поврзан со тендерските мрежи на партијата на власт поткрепен со докази и факти.

„Една иста фирма, во општините кои ги водат градоначалниците на ДПМНЕ, но и во институциите добиваат милионски суми од тендерите и најчесто се јавуваат како единствени понудувачи. Се работи за фирма омилена на власта „Мастраф ДООЕЛ Скопје“,
вели таа.
Оваа фирма, рече Кузеска, во последните три години има добиено тендери вредни над четири милиони евра.
„За оваа иста фирма, од унгарскиот кредит има одлука за избор за проценета вредност за околу 400 илјади евра“,
кажа портпаролката.
Според неа, формата е омилена на градоначалниците на Кисела Вода, Аеродром, Неготино.
„Во Општина Кисела вода, каде градоначалник е Орце Ѓорѓиевски од ДПМНЕ, за период од 2022 до 2024 година, оваа фирма има добиено тендери во вредност од 1,7 милиони евра. Во Општина Аеродром, во време кога градоначалник бил Тимчо Муцунски, оваа иста фирма има земено тендери, односно склучени договори тешки еден милион евра. Во Општина Неготино, каде градоначалникот е од ДПМНЕ од 400 илјади евра. Од вкупно 13 тендери во овие општини на дури 11 фирмата се јавува како единствен понудувач“,
вели Кузеска.
Истата фирма, вели дека добила тендери и во Министерството за спорт кај министерот Борко Ристовски со договор од околу еден милион евра.
„Како е можно една иста фирма да биде победник на толку многу тендери во општини институции и да добие 4,5 милиони евра“,
праша таа.









Додаде дека најголем дел од договорите се со иста вредност како проценетата вредност, што отвора сомнеж дали можеби сумата била однапред договорена.
„Да се добие иста цена е целосно спротивно од логиката за јавни набавки. Зошто нема намалување на цените? Институциите мора итно да реагираат“,
кажа Кузеска.
Посочи дека СДСМ бара јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да постапат по овој случај.