Од Комисијата за заразни болести не беше побарано да каже термин за избори, туку протокол за нивно одржување, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Тоа што се бараше од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство во однос на изборите е протокол за одржување на изборите, односно тој медицинско-епидемиолошки дел. Во ниту еден момент не се бараше од нас ниту, пак, може да се бара термин за одржување избори“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изборите.
Тој додаде дека тие се надлежни да кажат во кој период на епидемиолошката крива сме, што се очекувањата и врз основа на што ги темелат своите мислења, за да се одреди датумот на избори.
Министерот посочи дека новите заболени се луѓе кои не ги почитувале мерките за превенција во момент кога во сила беше полицискиот час. Според него, во моментов е сосема јасна епидемиолошката состојба и во однос на кластерите и во однос на начините на трансмисија.
„Тоа не значи дека нема да воведеме повторно некакви мерки, сега се размислува повеќе и за некои локализирани мерки и во насока на тоа ќе ги следиме бројките и ќе ги правиме и анализите“,
рече Филипче.