На собирот во кафулето во трговскиот центар „Бисер“ во скопски Аеродром беа прекршени сите протоколи и препораки, вели министерот за здравство, Венко Филипче, за Канал 5.
Тој додаде дека го видел видеото и дека на снимката се гледа дека ниту се почитува држење на потребното растојание, ниту се носат заштитни маски.
„Ние бевме сведоци и сè уште сме дека таму каде што има прекршување на овие протоколи за функционирање всушност се пренесува вирусот и настануваат мини кластери. Добро е што веднаш реагираа соодветните институции“,
рече Филипче.
За разлика од некој период претходно, според Филипче, сега и инспекторатите и сите други институции кои треба да вршат контрола го прават тоа многу поагилно и поажурно.
„Посебно апелирам до младите луѓе. Мора да се воздржат од такви собири. Јас знам дека сакаат да се дружат, знам дека сакаат да одат и во училиште. Всушност, еден дел од младите луѓе и ни упатија таква директна порака и имавме и добри средби со претставниците на средношколците на кои укажавме кои се медицинските епидемиолошки причини, зошто не треба повеќе млади луѓе да бидат концентрирани на едно место, посебно во затворена просторија сега во овој период“,
рече Филипче.
Тој додаде дека здравствените работници не можат да бидат сами во оваа борба, туку и граѓаните мора да се научат дека е променет целокупниот живот, особено во земји како нашата со сличен менталитет во функционирањето, патувањето и социјализацијата.