Сериозно е зголемена потрошувачката на „клексанот“, кој се користи како терапија за оние што имаат одредени проблеми со крвта поради ковид-19. Ова го посочи денеска министерот за здравство Венко Филипче, но тврди дека нема криза за лекот.
„Има зголемена потрошувачка и ние за тоа зборувавме со компанијата која го носи ‘клексанот’. Насекаде е зголемена потрошувачката, кај нас таа компанија резервираше поголеми количини и тие се дистрибуирани до сите болнички установи. Во меѓувреме, онаму каде што требаше, се даваше друга форма на хепарин. Така што криза во смила на недостиг нема, меѓутоа има сериозно зголемена потрошувачка“,
истакна Филипче.
На социјалните мрежи, пак, наголемо се бараат и се нудат ампули „клексан“.


Голем број објави особено има на фејсбук-групата „Ковид-19 искуства и совети“, каде што едни го бараат лекот, а други им ги нудат своите резерви кои веќе не им се потребни или ги советуваат граѓаните во која аптека може да се најде лекот.


Но, дел од граѓаните веќе укажале и за ризик од потенцијални злоупотреби. Администраторот на фејсбук-групата, Антони Пешев, информираше дека веќе нема да се објавуваат вакви дописи за лекот и алармираше членовите кои пишуваат во групата да бидат внимателни.

„На интернет кружат проблематични објави и информации за наводни слободни лекови ‘клексан’. Ве молам да бидете внимателни, зашто веќе добивме пораки од наши членови кои сигнализираат за потенцијална злоупотреба. Понуда и побарувачка на ‘клексан’ веќе нема да се објавува, освен ако не се работи за информација покриена со валидна референца. Благодариме на разбирањето. Никако не давајте ваши податоци и телефонски броеви“,
напиша тој.
Коментирајќи ја потребата од „клексанот“, во неколку наврати критики упати и ВМРО-ДПМНЕ, а денеска уште еднаш побара одговорност од министерот.
„Наместо одговор зошто го нема познатиот ‘клексан’, а граѓаните молат на секоја врата за лек, затоа што тешко, речиси невозможно е да се набави лекот, Филипче вели дека го има во доволни количини. И пак според неговата логика граѓаните лажат, а тој е безгрешен! Сега неговата неспособност резултира со тоа граѓаните да се снаоѓаат за лекот на црниот пазар. Наместо Филипче на почеток на годината да направи реорганизација на здравствениот систем во смисла да има просторни услови, медикаменти и човечки ресурси, тој ги остави работите сами од себе да се решаваат“,
се вели во партиското соопштение.
Од Министерството за здравство пред една недела порачаа дека потрошувачката на антикоагулантна терапија во земјава е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но уверуваат дека се прават напори да се обезбедат бараните количини и дека нема недостиг од ваква терапија ниту во аптеките ниту во болниците.
