Вработените во градинките ќе бидат опфатени со скринингот што министерот за здравство Венко Филипче го најави на денешната прес-конференција.
Тој соопшти дека членови на Комисијата за заразни болести заедно со претставници на Министерството за труд и социјална политика формирале работна група со цел изготвување на протокол за започнување со работа на градинките. Скринингот ќе се спроведува со цел лоцирање на евентуални заразени со ковид-19 кои немаат симптоми.
„Вработените во градинките ќе бидат опфатени во скринингот, за да бидеме сигурни дека некој од нив не се асимптоматични. Тоа ќе се спроведе пред да почнат децата да одат во градинките. Работната група разговара за да се најде добро решение, кое нема да биде само ставено на хартија, а во реалност да не може да се имплементира. Не може да препорачаме држење на дистанца, бидејќи, нормално е децата тоа да не знаат да го направат“,
рече Филипче.
Тој најави повеќе опции за реорганизирање на градинките и една од тие опции е намалување на групите, но рече дека до понеделник ќе има конкретен предлог.