Интензивно работиме повеќе од два месеци и се подготвуваме за најлошо сценарио наесен, иако се надевам дека ќе го избегнеме, рече министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на Канал 5, Филипче рече дека
„Не само ние, туку и многу земји во светот очекуваат нов бран кој би се должел на поголема концентрација на луѓе во затворени простории, што сега го нема, понатаму дополнителен број на заболени од сезонски грип, пациентите ќе ги окупираат истите одделенија кои се сега окупирани од пациентите кои се лечат од ковид, што може да доведе до тоа болниците да се пренатрупаат со пациенти и тоа да не може да се изменаџира. И во таа смисла, водејќи се од тоа, очекувајќи едно такво лошо сценарио кое се надевам дека ќе го избегнеме, ќе го дочекаме подготвени“,
рече Филипче.
Ситуацијата се следи и во соседните земји, а во однос на процентот на починати пациенти во земјава, рече дека се должи на два сегмента. Прво дека ги пријавуваат и починатите на кои им е земен брис по утврдувањето на смртта и второ дека голем процент од пациентите доаѓаат доцна во болница.
„Навистина голем процент од пациентите доаѓаат доцна во болница, тоа е некаде 27-28 проценти и смртен исход има во првите 3-5 дена од лекувањето. Нема ни доволно време, а имајќи ја предвид и тешката форма на болеста, дека премногу долго не се јавувале во болница, после тоа лекарите се немоќни нешто да направат“,
заклучи Филипче.