Во ГОБ „8 Септември“ има значајно намалување на бројот на хоспитализирани пациенти, што дозволува постепено да се врати нормалното функционирање на болницата преку системот „Мој термин“, посочи Филипче
Во период од 24 до 30 август годинава направени се 9 944 теста за коронавирусот, а регистрирани се нови 666 позитивни случаи во 29 града низ земјава, што претставува намалување од 20,6 отсто во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се во Скопје, 209. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Во истиот период во 23 града, односно седум повеќе во однос на претходната недела, бројот на новодијагностицирани е под 20. Процентот на позитивни тестирани од вкупниот број тестови 6,7 отсто, што е намалување од 0,8 отсто во однос на претходната недела и е задржан овој тренд на намалување на процентот на позитивни“,
рече Филипче.
Тој информира дека од случаите во изминатата недела, хоспитализирани се вкупно 71, што е намалување од 40,3 отсто во однос на претходната недела.
Филипче информира дека уште неколку возрасни пациенти се останати во болницата Козле, која повторно во следниот период ќе биде наменета само за лекување деца.
Во ГОБ „8 Септември“ има значајно намалување на бројот на хоспитализирани пациенти или околу 30, што дозволува постепено да се врати нормалното функционирање на болницата преку системот „Мој термин“.
Министерот за здравство соопшти дека пријавени се 35 смртни случаи од 13 града. Од нив, 29 имале познати коморбидитети.
„Во таа смисла, од епидемиолошки аспект, можам да кажам дека состојбата е стабилна, вклучително и во врска со состојбата во болниците“,
потенцира Филипче.