Во текот на ноќта нема нови лица тестирани на коронавирус, а во моментов се чекаат резултатите од брисовите од три лица од Дебар, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека е стабилна состојбата на сите пациенти што се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје и во локалната болница во Дебар.
„Здравствената состојба на пациентите позитивни на ковид-19 кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна. Во стабилна состојба е и првата пациентка од Дебар која е на респираторна машина. Петте пациенти што се лекуваат во дебарската болница се во добра здравствена состојба“,
соопшти Филипче.
Првата пациентка од Македонија заразена со коронавирус по 20 дена изолација денеска ја напушта Инфективната клиника. Повтореното тестирање кај неа покажа дека таа сега е негативна на вирусот и ќе биде пуштена на домашно лекување. Првиот случај со коронавирус во земјава беше регистриран на 26 февруари, откако претходно пациентката еден месец престојувала во Италија.