Од законодавниот дом појаснуваат дека спроведената јавна набавка се однесува исклучиво на редовни систематски и превентивни здравствени прегледи, што претставува законска обврска за секој работодавач

Собранието на Република Северна Македонија не плаќа и не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба. Ова е наведено во демантот испратен од законодавниот дом во кој како неточни и манипулативни се оценуваат објавите во некои медиуми дека од буџетот се издвојуваат средства за приватно здравствено осигурување на пратениците и вработените во собраниската служба.
Од законодавниот дом појаснуваат дека спроведената јавна набавка се однесува исклучиво на редовни систематски и превентивни здравствени прегледи, што претставува законска обврска за секој работодавач.
Согласно член 22 од Законот за безбедност и здравје при работа, секој работодавач, и во јавниот и во приватниот сектор, е должен да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку еднаш на секои 24 месеци.
„Видот, начинот и обемот на овие прегледи дополнително се уредени со Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените, донесена врз основа на член 22 од Законот за безбедност и здравје при работа“,
се додава во соопштението од Собранието.
Од Собранието додаваат дека задолжителните систематски прегледи, кои ги врши овластена установа за медицина на трудот, не смеат да се мешаат со приватно здравствено осигурување кое вклучува полиси со осигурителни компании за покривање дополнителни медицински услуги.
Собранието демантира дека има склучено договор за полиси за приватно здравствено осигурување за пратениците или за вработените во службата.
Реакцијата од Собранието доаѓа откако вчера дел од медиумите објавија дека Собранието на пратеничките и на вработените ќе им плаќа приватен преглед за мамографија на дојки и дека пакетот е додаден на основниот за систематски преглед.
Инаку, приватниот преглед за мамографија во Македонија чини од 3 000 до 5 000 денари.
Јавната набавка се спроведува во време кога тешко се закажува преглед со мамографија во јавното здравство, а жените чекаат слободен термин со месеци.
Според објавата на порталот „сдк.мк“, освен Собранието и директорите на АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), во државна сопственост – Скопје, купиле пакет „ЛOT 10 Дополнително приватно здравствено осигурување на вработени во АД ЕСМ. Исто така, и „Државна видеолотарија на Република Македонија“, исто така, има склучено договор за „Набавка на услуги за доброволно приватно здравствено осигурување за период од 2 (две) осигурителни години“. Приватно здравствено осигурување имаат и вработените во Народна банка, менаџментот и вработените од Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, како и професорите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
