Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и часовите на трите одделенија да почнуваат во различно време, со дистанца од 10 минути
Нашата препорака е само децата од првите три одделенија физички да присуствуваат во училиштата во новата учебна година. За време на одморите да не се излегува од училниците, а со настава да почнуваат со временска дистанца од 10 минути, истакна вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој во гостување на ТВ Сител посочи дека изготвените протоколи се базираат на истите принципи на превенција од болеста, а тоа е носењето маска, седењето на дистанца и задолжително почесто миење и дезинфекција на рацете.
„Има многу барања и размислувања и многу дилеми. Следиме и гледаме многу искуства од повеќе земји. Приоритет ќе биде заштита на здравјето на граѓаните. Почетокот на школската година претставува сериозен ризик да се влоши епидемиолошката ситуација, затоа што голем број деца би биле во затворени простории, со можност да комуницираат многу интензивно повеќе денови во текот на неделата помеѓу себе“,
рече Филипче.
Главната препорака, како што рече, е да има присутни деца само од првите три одделенија.
„Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и часовите на трите одделенија да почнуваат во различно време, со дистанца од 10 минути, за учениците да не се среќаваат на влезот, ниту пак на крајот на часовите. Сакаме да ги избегнеме оние лоши сценарија кои ги видовме во земјите кои ги отворија целосно училиштата“,
додаде Филипче.
Како што додаде, анализа покажала дека децата заболуваат со најлесна форма и најмалку процентуално. Под четири проценти е застапеноста на деца до девет години меѓу заразени од ковид-19.