Најавата за набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители
Македонските власти се во преговори за набавка на вакцини против ковид-19 од кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“. Како што најави вчера во емисијата „360 степени“ министерот за здравство, Венко Филипче, се чекаат детали во однос на договорот, во однос на цената и испораката.
Тој денеска рече дека станува збор за 200 илјади дози кои се очекува да пристигнат од Кина.
„Сите 200 илјади дози треба да стигнат веднаш, а тоа што го чекаме како детали овој период којшто е пред нас е точното време во кое треба да пристигнат“,
изјави Филипче за телевизија Сител.
Најавата за можно набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители, за што некои држави членки на ЕУ најавија и судски спорови. Филипче вели дека се обидуваат да обезбедат количини од сите производители за кога ќе започне процесот на имунизација да нема пауза.
Тој денеска рече дека посочи дека вчера разговорал со претставници на компанијата „Фајзер“ кои укажале дека тоа што прво ќе следува од нив е дозволата да се извезе една количина од Србија. Односно тоа е првата количина што ќе стигне во земјава.
По што се разликуваат кинеските вакцини од останатите?
За разлика од вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, кои се базираат на вбризгување на дел од генетскиот код на коронавирусот во човечкиот организам, кинеските вакцини се создадени на традиционален начин на база на ослабен вирус.
„СИНОВАК“
Вакцината која ја произведува кинеската фирма „Синовак“ од Пекинг се вика „Коронавак“. Функционира на тој начин што користи „ослабени“ делови од вирусот кои потоа го активираат имуниот систем на човекот, без ризик за појава на сериозна форма на ковид-19. „Коронавак“ е традиционален метод на вакцина, кој е успешно применет во многу добро познати вакцини како, на пример, кај вакцината против беснило. Како и сите други вакцини, и за оваа потребни се две дози. Една од нејзините главни предности е што може да се чува во стандардни фрижидери, на температура од 2 до 8 Целзиусови степени.
„Коронавак“ ја помина третата фаза на тестирање во повеќе земји. Податоците од подоцнежната фаза на тестирањата во Турција и Индонезија покажале ефикасното од 91,25%, односно 65,3%. Во Бразил, првично, биле пријавени 78% ефикасност, а потоа 50,4%. Долната прифатлива граница на ефикасност, поставена од Светската здравствена организација, е 50%.
„СИНОФАРМ“
Кинеската државна компанија „Синофарм“ развива две вакцини против ковид-19, кои исто како и вакцината на „Синовак“ се засновани на ослабен вирус. Испитувањата покажале дека ефикасноста е 79%.
За споредба, вакцините на „Модерена“ и „Фајзер“ се мРНА вакцини. Тоа значи дека дел од генетскиот код на коронавирусот се инјектира во телото, со што имуниот систем почнува да прави вирални протеини, но не и целиот вирус, што е доволно за да се истренира имуниот систем за напад.