Доколку трендот на заболени продолжи да расте, Филипче вели опција е и затворање на градинките и училиштата во критичните региони или во целата држава. Последен чекор е целосен карантин, за кој смета дека нема да се воведе ако сите ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19
Новите рестрикции се со цел да се забрани групирање по домовите во претстојниот период кога може да има семејни собири кои се ризик за појава на нови кластери. Ако има правна пречка верувам дека ќе најдеме начин да се надмине, заради тоа што ова мора да биде приоритет, рече министерот Венко Филипче на прес-конференција, одговарајќи на прашањето како ќе се контролираат домовите на граѓаните.
За забраната во еден дом да не смее да има повеќе од 4 гости од друго домаќинство, Филипче вели дека правните експерти ќе препорачаат механизам за контрола, потенцирајќи дека приоритет е заштита на јавното здравје.
„Видовме дека има и правни експерти кои укажуваат на тоа дали мерките се уставни или не. Но, ние носиме мерки врз основа од досегашните искуства. Свесни дека во периодот којшто следи може да има семејни собири кои може да доведат до кластери логично е да ги забраниме. Оставаме на правниците да видиме во каква форма тоа ќе биде препорачано и каков ќе биде начинот на контрола, но морам да потенцирам дека апсолутно заштитата на здравјето е приоритет. Не може да затвориме очи и да дозволиме да се случуваат настани кои може да доведат до нови заболени, а и други земји го прават истото. Суштината е да се ограничи групирањето и да се носат маските. Ако има правна пречка верувам дека ќе најдеме начин да се надмине, заради тоа што ова мора да биде приоритет“,
вели Филипче.
Доколку трендот на заболени продолжи да расте, министерот вели опција е и затворање на градинките и училиштата во критичните региони согласно епидемиолошката состојба или во целата држава.
Верува дека со почитување на мерките ќе се подобри епидемиолошката состојба, бидејќи вели во спротивно, следен чекор е воведување целосен карантин.
„Засега сме сега се уште далеку од тоа, ама полека ги исцрпувме можностите. Ние тоа сакаме да го избегнеме. Ако се почитуваат мерките ќе го избегнеме ограничувањето на движењето“,
рече Филипче.
За мерката за носење задолжителна маска на отворено, Филипче вели дека се црпеле искуства од Италија, каде се покажало дека тоа ја подобрува епидемиолошката состојба во земјава.
„Со неа се избегнува случајна средба и разминување со потенцијален носител на вирусот, се намалува ризикот од настинки и грип, а сега е период во којшто секој треба да внимава на своето здравје, за да нема притисок во болниците, со цел да бидат колку што е можно попразни. И една од најбитните работи се публикациите дека загадениот воздух односно ПМ 10 честичките го пренесуваат вирусот на поголема дистанца. Ниту здравствените работници, ниту инспекторатот и полицијата можат сами“,
рече Филипче.
Министерот уште еднаш посочи дека забрзано се полнат болничките капацитети за ковид-19 и апелираше секој да ги почитува мерките.