Четири нови случаи на коронавирус се потврдени во Дебар и се воведува кризна состојба во оваа општина и во Центар Жупа, потврди министерот за здравство Венко Филипче.
*Поврзана вест: Владата прогласи кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, 4 нови случаи на коронавирус
Вкупно биле тестирани 10 лица што покажале симптоми додека се во изолација и од нив резултатите за шест лица се негативни, додека за четири се позитивни.
Сите, рече министерот, се со лесна клиничка слика.
„Новите случаи се причина зашто дополнително утрово разговаравме со членовите на Комисијата за заразни болести. Ги изложивме тие информации и до Управувачкиот комитет поради што тој препорача да се воведе кризна состојба во Дебар и Центар Жупа. Тоа значи ограничување на движењето на луѓето што живеат во овие општини, но и забрана за влез и излез од Дебар и Центар Жупа“,
рече Филипче.
Министерот посочи дека веќе е закажана седница на Комисијата за заразни болести и на Управувачкиот комитет на која ќе се разработи детален план како ќе се функционира во овие места за што дополнително ќе биде информирана јавноста.
Со денешните четири, бројот на досега регистрирани случаи на коронавирус се искачи на 13, од кои 11 се од тој крај.
Во врска со останатите заразени, министерот информираше дека една од претходно заразените пациентки од Дебар има дополнително влошување на состојбата и е на граница да биде ставена на апарат за механичка вентилација. Но, како што рече, специјалистите се надеваат дека таа ќе успее да ја преброди состојбата и нема да дојде до тоа.
Денеска или утре, пак, се очекува да биде отпуштена од болница првата пациентка кај која беше дијагностициран коронавирус. Станува збор за жена од Скопје која била на патување во Италија, а по лекувањето тестовите кај неа покажаа дека е излечена од вирусот.