Не се планирани ограничувања во работата на економските оператори ниту, пак, во движењето во кои било делови на државата. Постојат протоколи, а доколку не се почитуваат треба да се санкционираат прекршителите, вели министерот за здравство
Министерот Венко Филипче ја оценил епидемиолошката состојба во земјава како генерално стабилна, посочувајќи дека има се помалку пациенти во болничките одделенија, па нема потреба од рестрикции, соопштија од Министерството за здравство пренесувајќи негова изјава за Канал 5.
„Засега нема најава за нови дополнителни рестрикции, апсолутно нема никаква индикација, или пак, кој било параметар да укажува дека ситуацијата се влошува – и во однос на број на новодијагностицирани пациенти и во однос на број на пациенти кои треба да се хоспитализираат. Тој број е константен подолг временски период, некаде околу 10 проценти од вкупниот број активни дијагностицирани пациенти се сместени во болниците, што значи дека добро се менаџира ситуацијата. Генерално, ситуацијата е стабилна, епидемиолошката состојба ја имаме целосно на увид, имајќи го во предвид масовното тестирање што го правиме и така ќе продолжиме и понатаму“,
оценува Филипче.
Тој истакнува дека не се планирани рестрикции во работата на економските оператори ниту, пак, во движењето во кои било делови на државата, нагласувајќи дека постојат протоколи и тие треба да се почитуваат, а доколку не се почитуваат треба да се санкционираат прекршителите.
„Не може да се воведуваат рестрикции поради нечие непочитување на веќе постојните мерки и протоколи. Нема никаква индикација дека мерките ќе се заоструваат. Повторно апелирам да се почитуваат мерките. Сите економски оператори ги имаат добиено протоколите и нема проблем никаде каде што тие се почитуваат“,
изјави Филипче.
Тој најави дека веќе на почетокот на август ќе почне да се подготвува ГОБ „8 Септември“, со цел постепено се враќа и другата патологија што вообичаено се третира во оваа болница за да не се создаваат долги листи на чекање. Најави и подготовката на 16 болници ширум земјата за есенскиот бран во однос на инфраструктурата, медицинската опрема, лабораториите и кадарот.
„Се надевам дека нема да има нов бран, но ние мора да се подготвуваме. Во таа насока е и надградувањето на лабораториските капацитети во секој град за брз ПЦР-тест и во текот на вчерашниот ден имавме состанок со младите лекари кои добија лиценца за работа минатата недела. Тие треба да почнат со работа, согласно измената на Законот да добијат платено загарантирано работно место. Дел од нив веќе покажаа интерес да бидат во тимовите во инфективните одделенија и клиники и паралелно на сето тоа почнуваме и процес на обезбедување финансии за нивно трајно вработување. Ова е план кој означува зајакнување и на инфраструктурата, и на медицинската опрема, како и на лабораториите и на кадарот“,
нагласува Филипче.