Вкупно 66 новолиценцирани доктори на медицина месецов го положиле стручниот испит, а повеќе од половина од нив изразиле желба да работат со пациенти заболени од ковид-19, соопшти денеска Министерството за здравство.
Тоа им го соопштиле на денешната средба со министерот Венко Филипче и неговиот заменик Арменд Арслани.
На состанокот, младите лекари што добиле лиценца за работа од Лекарската комора на Република Северна Македонија ја поздравиле измената на Законот за здравствена заштита од јануари од минатата година, со која се овозможува секој дипломиран доктор што стекнал лиценца веднаш да почне со шестмесечна пракса за која младите лекари првпат добиваат надомест од 30 000 денари месечно.
Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи – здравствените домови и општите болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.