Се пролонгираше малку, но не сакам да шпекулирам, ќе информираме точно кога ќе знаеме кога ќе пристигнат кинеските и руските вакцини, рече министерот за здравство, Венко Филипче, при денешната посета на гостиварската болница каде е пуштен во употреба модуларниот ковид-центар.
„Очекувам навистина сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од ‘Фајзер’ за којшто го очекуваме драфт-договорот. Со руската компанија интензивно разговараме сега овие денови после потишувањето на договорот и секако разговори имаме и со кинеската“,
рече Филипче.
Прашан дали овој одговор се однесува за кинеските или за руските вакцини, Филипче одговори дека сега зборува за двете количини на вакцини.
„Сакам да потенцирам уште една работа, правевме анализа и да упатам и да ја искористам приликата да упатам апел од регионот, од Гостивар преку сајтот и преку матичните лекари се пријавени навистина малку граѓани во онаа прва категорија над 70 години. Прво апелирам матичните лекари од Гостивар и од регионот да ги пријавуваат граѓаните над 70 години со хронични болести со првата следна приоритетна група и да ги внесуваат податоците во системот Мој термин затоа што тие ќе бидат следните за вакцинирање по лекарите и медицинските сестри од Гостивар“,
рече министерот за здравство.
На новинарско прашање што со оние граѓани што не сакаат да се вакцинираат, Филипче потенцира дека со интензивна комуникација преку матичните лекари, преку кампањата која што следи треба да се подигне свеста. Тој најави дека не е исклучена можноста за нови рестрикции, но засега нема да има.
„Нема таква индиција заради тоа што порастот не е таков како што беше почетокот на ноември. Има благ пораст што не е ризик за болничките капацитети, но секако е причина да бидат граѓаните апсолутно многу внимателни“,
истакна министерот Филипче.