Повеќе од 200 патници кои денеска со организиран превоз треба да стигнат од унгарско-српската граница ќе бидат ставени во групен карантин во касарната на Криволак
Вкупно 26 заболени лица од коронавирусот се регистрирани во моментов во земјава, но епидемијата е во силен ек и очекувано е бројот да расте, изјави министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција и најави дека, доколку е неопходно, мерките за превенција ќе се засилуваат.
Филипче потврди дека биле тестирани уште 10 пациенти, од кои кај тројца се потврдени позитивни резултати.
Станува збор за еден пациент од Скопје и неговите контакти се веќе мапирани и еден брачен пар којшто бил на патување во странство, кои првично самоиницијативно направиле тестови во клиниката „Жан Митрев“.
„Во моментов ги тестираме членовите на семејствата, направени се 6 тестови и ги чекаме резултатите. Сопружниците се на домашно лекување, а ќе бидат префрлени на Инфективната клиника, каде е сместен и пациентот од Скопје“,
изјави Филипче.
Седумнаесет од вкупниот број на заболените се сместени во Скопје, а 9 се во Дебар и нивната состојба е стабилна.
Дополнително во групна изолација ќе одат повеќе од 200 патници кои беа на унгарско-српската граница. Откако ќе бидат интервјуирани на граничниот премин Деве Баир ќе одат во карантин во касарната во Пепелиште на Криволак.
„Тие работеле во ризичните региони во Италија и Австрија. Ќе се интервјуираат на влезот во нашата земја и ќе одат во групен карантин во Касарната на Криволак каде се обезбедени со медицинска поддршка храна и соодветно обезбедување“,
изјави Филипче.
Филипче изјави дека според некои проценки, се очекува пикот од коронавирусот во земјава да биде за еден месец, а бројката на заразени да достигне 2000 луѓе, па ги повика граѓаните да останат дома.
„Заразата се шири кога системот е оптеретен. Мислам со овие мерки ќе можеме да избегнеме остар пик на состојбата за здравствениот систем да може да се носи со овој удар. Затоа останете дома не се собирајте, не се групирајте, излегувајте само ако имате некоја итност, не контактирајте многу со луѓето и одржувајте лична хигиена“,
изјави Филипче.