Осуда за денешната срамна, навредувачка и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, Кочовска, кон пратеничката Славјанка Петровска стигна и од СДСМ и Форумот на жени

Дрска, понижувачка, со лични дискредитации – вака лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче ја коментира изјавата на министерката за финансии Гордана Димнитриеска-Кочоска упатена денеска кон пратеничката Славјанка Петровска.
„Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочовска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози. Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Филипче во реакцијата напишана на неговиот фејсбук-профил.
Според него, секогаш кога од ВМРО-ДПМНЕ се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување.
„Жалам што Славјанка повторно е мета на напади. Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Често сме сведоци и на јавни исмевања и навреди од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, дури и на нејзиниот изглед. Тоа е нивната политичка култура – навреди, дискредитации и насилна реторика“, додава Филипче.
Сепак, вели Филипче, Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат.
Во реакцијата Филипче додава дека од ден во ден, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, „сведоци сме на пад на политичката култура и голема нетолеранција кон критиката“.
„Ако ова е нивното однесување на самиот почеток, во првите моменти на нервоза, можеме само да замислиме што ќе следува. Барам сите граѓани кои веруваат во демократските вредности да го осудат овој срамен чин. Не смееме да дозволиме омаловажувањето и навредите да станат новата нормалност. Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени“, пишува Филипче.
Осуда за денешната срамна, навредувачка и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, Кочовска, кон пратеничката Славјанка Петровска стигна и од СДСМ и Форумот на жени.
„Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на сите граѓани, Кочовска посегна по коментирање на приватниот живот на Петровска, потсмевајќи и се дека нема семејство и дека не е мајка. Ова е уште една во низата потврди за тоа дека ДПМНЕ без никакви резерви и секогаш прибегнуваат кон дискриминација и понижување на жените“, се вели во реакцијата од Форумот на жени.
Укажувањето од Кочовска дека воопшто не ја почитува Петровска, според Форумот на жени е „типичен и крајно дрзок дпмневски манир“.
„Ова е најдолниот настан којшто се случил во македонскиот парламент. Бараме Кочовска да излезе и јавно да се извини на Петровска и на сите жени кои денеска ги омаловажи и ги понижи“, се додава во реакцијата од каде ги повикаа и од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ да реагираат и да ја осудат оваа изјава.
Пратеничката Славјанка Петровска на денешната собраниска седница поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство.
Димитриеска-Кочоска место да одговори ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба. Димитриеска-Кочоска налутено и порача на Петровска дека не може да и каже оти е почитувана бидејќи, како што рече, тоа треба прво да се заслужи.