Според министерот за здравство, изборниот процес, кој беше закажан пред почетокот на кризата со коронавирусот, никогаш не бил тема на дискусија во Комисијата за заразни болести, ниту, пак, бил основа за препораките до извршната власт
Изборниот процес никогаш не бил предмет на дискусија во Комисијата за заразни болести, ниту бил основа за димензионирање на препораките до извршната власт за справување со коронавирусот, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче, во денешното гостување во вестите на Телма, одговараше на прашања за изборниот процес, дали експертите од Комисијата за заразни болести се согласуваат да има избори, со оглед на тоа што партијата која е власт денеска побарала што поскоро да се одржат изборите – веднаш штом олабават мерките, но и како би се одржувале изборите?
„Никогаш досега, ниту еден настан, ниту пак изборниот процес кој беше закажан на почетокот на оваа криза, не беше предмет за дискусија, ниту пак беше нешто врз основа на што ние ги темелевме препораките, односно Комисијата за заразни болести – експертите, епидемиолозите ги темелеа нивните совети, препораки, предлози до Владата. Се што им беше предложено на Министерството за здравство и на Владата, сите мерки беа димензионирани така што здравјето на граѓаните беше ставено на прво место. Истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму. Само врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациенти, на новодијагностицирани, само врз основа на бројот на пациенти во болниците, но и на домашно лекување, ќе бидат дадени следните предлози“,
потенцираше министерот Филипче.
Тој додаде дека се надева дека овој тренд ќе продолжи. Тоа што секој ден има се помалку дијагностицирани пациенти, се помалку пациенти кои се лекуваат во болниците и на домшано лекување, тоа што има повеќе излечени отколку активни случаи, според Филипче, значи дека мерките беа добро димензионирани и добро испланирани, врз основа на медицински аргументи и на епидемиолошката наука. Врз основа на ова, како што рече министерот за здравство, предлозите ќе продолжат да се даваат и понатаму.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, денеска отворено повика на избори веднаш по стабилизирањето на епидемијата, нагласувајќи дека на државата ѝ се потребни функционални институции, пред евентуалниот втор бран на коронавирусот наесен.
Наспроти тоа, од ВМРО-ДПМНЕ со денови наназад настапуваат со ставови дека во овој момент избори не се приоритет, наспроти некогашните настојувања на опозициската партија и овие парламентарни избори да бидат вонредни. Сега сличен е ставот и на владејачката ДУИ, од каде што тврдат дека избори не се дел од нивната моментна агенда и бараат Комисијата за заразни болести да процени кога е поволен термин за гласасње.
Претседателот Стево Пендаровски, во вчерашното гостување во „360 степени“, најави дека околу 10 овој месец ќе свика лидерска средба, на која би се разговарало за изборите, пред истекувањето на новите 30 дена од вонредната состојба во земјава.
Спикерот Талат Џафери, на 16 февруари, веднаш по распуштањето на парламентот, распиша избори на 12 април, како што договорија партиските лидери во октомври минатата година, на средба кај претседателот на државата. Но, по прогласувањето на вонредната состојба во земјава, кон средината на март, изборните дејствија, што стигнаа до стартот на кампањата, се ставени во мирување на неодредено време, односно до завршување на вонредната состојба.