Филипче истакна дека главниот приоритет на СДСМ е да номинира личности кои уживаат висок углед во своите заедници, имаат реална поддршка од граѓаните и поседуваат капацитет успешно да ги реализираат партиските програми

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) веќе активно работи на изборот на најдобрите кандидати за претстојните локални избори низ целата земја. Ова денеска го потврди претседателот на партијата, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање.
Филипче истакна дека главниот приоритет на СДСМ е да номинира личности кои уживаат висок углед во своите заедници, имаат реална поддршка од граѓаните и поседуваат капацитет успешно да ги реализираат партиските програми.
„Да ги промовираме најдобрите кандидати од сите општини – луѓе од самите средини, кои имаат најголема поддршка и кредибилитет. Луѓе кои можат да ги испорачаат програмите и вредносно и политички. Дел од кандидатите веќе се познати, тоа се дел од актуелните градоначалници. Имињата ќе ги соопштиме во текот на следната недела“,
рече Филипче.
Тој очекува целиот процес да биде завршен до крајот на јуни.
Претседателот на СДСМ исто така информира и дека се водат разговори со коалициски партнери за претстојните локални избори.
„Веќе го започнавме процесот на разговори и пронаоѓање партнери за следниот период, за циклусот на локалните избори. Еден дел од преговорите постепено веќе се заокружуваат, други се во тек, а трети допрва ќе започнат“,
додаде Филипче.
На седница на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа на 29 април, беше донесена одлука да почне постапката за утврдување на кандидатите за советници и градоначалници за претстојните локални избори.
Во оваа насока, ЦО на СДСМ ги усвоил правилникот и роковникот за постапката, како и начинот и критериумите за утврдување на кандидатите на СДСМ.