Од Кривичниот суд потврдуваат дека притворот е укинат и за уште две други лица – Томислав Младеновски и Ѓуро Чубриновски. И кај нив притворот е заменет со гаранција и мерки на претпазливост

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, излегува од притвор откако судот донел одлука за негово укинување и определил гаранција со мерки на претпазливост.
Информацијата ја потврдија од Основниот кривичен суд Скопје, од каде што велат дека на Ѓорѓиоски му е одземена патната исправа и има обрвска за јавување во суд.
Ѓорѓиоски депонирал гаранција од имот во висина од 508 000 евра. Од Кривичниот суд информираат дека одлуките се донесени по позитивно мислење дадено од Обвинителството.
Од Кривичниот суд потврдуваат дека притворот е укинат и за уште две други лица – Томислав Младеновски и Ѓуро Чубриновски. И кај нив притворот е заменет со гаранција и мерки на претпазливост. За Младеновски е дадена гаранција од 206 000 илјади евра, а за Чубриновски од 1 600 000 евра.
Ѓорѓиоски беше во притвор од 19 јуни годинава откако ден претходно ОЈО ГОКК отвори истрага против 18 физички и осум правни лица, во која се опфатени и двајцата експретседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.
Ѓорѓиоски и Сејдини се прво и второосомничени, а третоосомничена е раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ. Тројцата, како што појасни тогаш обвинителот Фатон Азизи, овозможиле исплата на пари кон фирми за наводни услуги и стоки кон Федерацијата, кои никогаш не биле извршени.
Поранешниот прв човек на ФФМ, Муамед Сејдини, беше во притвор од 24 април 2026 година, а на 24 јули излезе од притвор и ќе се брани од слобода со гаранција од над 1,15 милиони евра.
