И покрај предлогот на Обвинителството – ефективен притвор да добијат осум лица – судија на претходна постапка им одреди притвор на тројца од осомничените – И.Ѓ., О.М., и Ѓ.Ч., додека на Н.Л., И.П., И.Ш., С.Т. и К.А. им е определна мерка куќен притвор
Основниот кривичен суд Скопје им одреди 30-дневен притвор на три лица, меѓу кои и на поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, опфатени во предистрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција за финансиски манипулации и криминал во ФФМ.

И покрај предлогот на Обвинителството за ефективен притвор за осум лица, Судот им одреди притвор на тројца од нив – И.Ѓ., О.М., и Ѓ.Ч., додека на Н.Л., И.П., И.Ш., С.Т. и К.А. им е определна мерка куќен притвор.
Кривичен го прифати предлогот на Обвинителството и им одреди мерки на претпазливост на четири лица и тоа – Т.П., Ј.Д., Д.Ј. и Е.Н. Од Судот информираат дека дополнително се одлучува и за определување мерка притвор против две лица и мерки за претпазливост против три лица кои во моментов се недостапни.
Надлежниот јавен обвинител Фатон Азизи од ОЈО ГОКК денеска изјави дека Обвинителството бара притвор за осум осомничени и мерки за претпазливост за четири лица во врска со случајот со ФФМ. Во однос на лицата што во моментов се недостапни, Азизи рече дека постојат сознанија оти тие се наоѓаат во блиското опкружување и дека многу бргу би можеле да се појават пред органите на прогонот.
ОЈО ГОКК вчера отвори истрага против 18 физички и осум правни лица, во која се опфатени и двајцата експретседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.
Ѓорѓиоски и Сејдини се прво и второосомничени, а третоосомничена е раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ. Тројцата, како што појасни денеска обвинителот Фатон Азизи, овозможиле исплата на пари кон фирми за наводни услуги и стоки кон Федерацијата, кои никогаш не биле извршени.
