Засега има дијагностицирано пациенти во Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид. За сите заразени досега има информации кои укажуваат на тоа дека имале контакт со заболен или со носител на вирусот. Во земјава засега не е регистрирано автохтоно жариште на вирусот
Трендот на развој на коронавирусот во земјава укажува на тоа дека ќе расте бројот на нови случаи, поради што министерот за здравство Венко Филипче најави дека на денешната седница на владата ќе предложи построги мерки за справување со ситуација.
Билансот досега е 70 заразени, од кои за 19 беше информирано претпладнето, а уште три нови случаи се регистрирани во текот на денот. Вкупниот број на тестирани денеска е 43, од кои три се позитивни. Една пациентка патувала во Србија, втората пациентка е бабата на девојчето од Штип и уште еден пациент од Скопје.
Градови во кои сега има дијагностицирано пациенти, како што рече Филипче, се Скопје, Дебар, Гостивар Штип и Охрид. Сите пациенти, како што нагласи, се со релативно стабилна клиничка слика, лесна до средна. Единствено, пациентката од Дебар, која е на респираторна машина, доцна синоќа навлегла во мошне критична ситуација. Сите други пациенти, според министерот, се со непроменета состојба. Имало домашна визита кај пациенти кои се на домашно лекување. Од вкупниот број пациенти, двајца се во фаза на оздравување.
За сите заразени, според Филипче, има информации кои укажуваат на тоа дека имале контакт со заболен или со носител на вирусот. Во земјава засега не е регистрирано автохтоно жариште на вирусот. И новите 17 случаи што се дијагностицирани во болницата „Жан Митрев“ се поврзани со претходни случаи на заразени. Просечната возраст на новите пациенти е 40 години.
„СЗО посочи на брзо ширење на болеста на светско ниво. Во последните 12 дена бројката се зголеми за 100 илјади и сега изнесува околу 250 илјади. Беа потребни три месеци за да се стигне до првите сто илјади заразени, а за само 12 дена за следните сто илјади“,
рече Филиче.
Тој рече дека МПЦ, Католичката црква и ИВЗ најавиле дека нема да има масовни собири во нивните објекти. Рече и дека на денешната владина седница ќе се разговара за заострување на мерките за заштита на населението.
Филипче нагласи дека нема потреба од тестирање на целото население. Рече дека со тоа може да се постигнат контраефекти, односно да има лажни негативни тестови и луѓето да се опуштат. Информира дека на Инфективната клиника во Скопје досега се пополнети 20 проценти од капацитетите.