Владата ги прифати дополнителните мерки на Комисијата за заштита од заразни болести и во следните 14 дена се прекинува наставата во градинките, основните и средните училишта, универзитетите и научните институти во целата држава
Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека денеска нема нов случај на заразен со коронавирус во земјава. Се тестира пациентка на возраст од 16 години, која имала неспецифични симптоми на горнореспираторна болест. Нема други сомнителни случаи што се тестираат.
Владата ги прифати дополнителните мерки на Комисијата за заштита од заразни болести и во следните 14 дена се прекинува наставата во градинките, основните и средните училишта, универзитетите и научните институти во целата држава.
„На еден од родителите на дете до 10-годишна возраст ќе му се дозволи отсуство од работа и тоа ќе му биде платено. Ќе го известиме и Министерството за труд и социјална политика. Притоа, сакам да упатам апел да се почитува мирувањето и седењето дома, односно да не се случи масовна посета на игротеки. Во тој случај, оваа мерка не би имала смисла“,
соопшти министерот Венко Филипче.
Се прекинуваат сите автобуски линии за Италија и Франција. Исто така се воведуваат т.н. „хелт локатор картички“ за сите летови и компании, а се зајакнуваат и волонтерите на Црвениот крст на сите гранични премини.
Капацитети на Инфективната клиника се целосно подготвени. Ниту еден од хоспитализираните нема потреба од респираторна машина. Се воведува задолжителна самоизолација за сите лица што доаѓаат од жариштата на коронавирусот. Им се забранува на економските оператори да извезуваат медицинска опрема, средства и материјали.
Исто така, се забрануваат јавните собири и настани со над 1 000 учесници, а во следните 30 дена спортските натпревари мора да се одржуваат без публика.
„Упатуваме препорака од страна на Владата до сите органи на државната и до единиците на локална самоуправа, како и до приватните компании за времен прекин на работните активности за бремените и хронично болните. Владините институции ги прекинуваат сите настани и патувања. Сите овие мерки ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за здравство, на страницата на Институтот за јавно здравје и Владата на РСМ“,
рече Филипче.
За сите кои нема да ги почитуваат владините мерки и препораки, министерот Филипче најави казни, согласно Кривичниот законик кој за кривичните дела: пренесување заразна болест (член 205) и непостапување по здравствените прописи за време на епидемија (член 206) предвидува парични и затворски казни.
Вкупно сто лица се во изолација. Тоа се луѓе што биле на симпозиумот заедно со директорката на Клиниката за дерматовенерологија, како и луѓе кои биле во контакт со претходно заразените. Полицијата ги обезбедува домовите на оние што се во самоизолација, за кои епидемиолозите одлучиле дека е потребно. Тестовите за коронавирус се прават во акредитираната лабораторија на Институтот за јавно здравје.
*Поврзана вест: Од утре во Македонија се затвораат сите градинки, училишта и факултети поради коронавирусот
*Поврзана вест: МНР: Да не се патува во Италија