Во моментов од Советот на јавни обвинители очекуваат да ги добијат оценките за пријавените кандидати, како и да ги изврши интервјуата со сите тројца
Покрај Основното јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до 14 ноември треба да се избере и нов шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје бидејќи тогаш истекува мандатот на актуелниот, обвинителот Мустафа Хајрулахи.
Тој аплицирал за нов мандат на чело на Вишото обвинителство, а во конкуренција му се обвинители до поранешното СЈО, Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми.
Фетаи и Рустеми се пријавиле на огласот за нов шеф откако лани во април беа избрани за виши обвинители.
Во моментов од Советот на јавни обвинители очекуваат да ги добијат оценките за пријавените кандидати, како и да ги изврши интервјуата со сите тројца.
„За сите пријавени на огласите кои ги имавме објавено пуштени се барања до обвинителствата да извршат оценувања за да можеме да преминеме на следната фаза, со тие кои немаме остварено интервјуа, да ги извршиме за да стекнеме одреден впечаток. Сепак се јавуваат за шефовски места. Потоа да ја закажеме седницата во најскоро време, бидејќи мандатот на актуелниот истекува на 14 ноември и да не се доведеме во ситуација да треба да се избере в.д. шеф“,
вели претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски.
На истиот датум истекува и мандатот на Вилма Русковска како шефица на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. За нејзиното место беше распишан оглас и рокот за пријавување заврши минатиот петок. Конкурираа пет обвинители: досегашната шефица Вилма Русковска, нејзината колешка од ОЈО ГОКК, Енгелуши Кадриу Леши, скопскиот обвинител Ерман Незири, како и двајца обвинители од Гостивар, Ислам Абази, и Деса Пауновска.
За разлика од останатите, шефот на ова обвинителство за првпат ќе се избира на непосредни избори со гласање на сите обвинители во државата, што е закажано за 7 ноември. За таа цел денеска Советот денеска формираше и комисија за спроведување на гласање.