Водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи рече дека 99,2 отсто од оние што неодамна починале во САД од последици на коронавирусот не биле вакцинирани
Фаучи за Ен-би-си изјави дека е тажно и трагично што повеќето од тие смртни случаи можеле да бидат избегнати, а тоа не се случило, пренесува „Гардијан“.
Фаучи ова го оцени како фрустрирачко и истакна дека вирусот ковид-19 е страшен непријател, но дека има противмерка која е исклучително ефикасна, а тоа е вакцината, но дека таа не се применува целосно.
Тој апелираше до граѓаните да ги остават настрана сите разлики и да разберат дека коронавирусот е заеднички непријател.
Фаучи, исто така, посочи дека Соединетите Држави се многу среќни што имаат доволно вакцини за да ги заштитат сите свои граѓани.
Повеќе од 621 000 луѓе починаа во Соединетите Американски Држави од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците на веб-страницата „Ворлдометерс“.
Соединетите Држави се први во светот според бројот на смртни од коронавирусот, како и според бројот на потврдени случаи на оваа инфекција.