Фармацевтските компании „Фајзер“ и „Модерна“ ги зголемија цените на нивните вакцини против ковид-19 во најновите договори за снабдување со земјите-членки на Европската Унија, објави Фајненшл тајмс.
Новата цена за вакцината на „Фајзер“ сега изнесува 19,5 евра, а претходно била 15,5 евра, пишува весникот повикувајќи се на делови од договорот што ги добиле на увид.
Новата цена на вакцината на „Модерна“ по доза сега изнесува 21,5 евра, а според првиот договор таа изнесувала околу 19 евра, но тоа е помалку од претходно договорените 24 евра бидејќи нарачката е зголемена во количина, според извештајот во кој што се цитира службено лице запознаено со потпишувањето на договорот.
Европската комисија во вторникот соопшти дека ЕУ е на пат да ја постигне својата цел за целосно вакцинирање на најмалку 70 проценти од возрасната популација до крајот на летото.
Во мај Унијата објави дека очекува да прими повеќе од милијарда дози вакцина од четирите производители до крајот на септември.
Ниту Фајзер, ниту Модерна не биле веднаш достапни за коментар, пишува Ројтерс.