Според весникот, утрово Макрон и Меркел разговарале за оваа мерка по телефон, заедно со другите шефови на држави и влади на ЕУ
Европските власти се подготвуваат да прогласат затворање на границите на шенген-зоната поради пандемијата на ковид-19, според информации на „Фајненшл тајмс“ (ФТ) .
Според изворите на ФТ, информацијата ќе биде потврдена попладнево во Брисел, пренесува МИА.
Оваа одлука би значела дека сите патувања во шенген-зоната од трети земји кои не се итни или неопходни ќе се забранат. ФТ додава дека ова прашање се разгледува откако е констатирано големо зголемување на случаите на зараза со коронавирусот во земјите од шенген-зоната последните денови.

Одлуката треба прво да ја одобрат земјите членки, останува отворено и прашањето на земјите членки на ЕУ кои не се дел од шенген-зоната, како Хрватска, Ирска, Кипар, Романија и Бугарија.
Шенген-зоната брои 22 земји членки, повеќето членки на ЕУ, плус Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Забраната би предвидувала исклучоци за граѓани на ЕУ и лица со легален престој во шенген-зоната, како и за членови на нивните семејства. Исклучоци се предвидуваат и за медицински работници.
Според ФТ, утрово претседателот на Франција, Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел разговарале за оваа мерка по телефон заедно со другите шефови на држави и влади. Весникот додава дека Макрон бил гневен поради одлуката на некои земји членки да ги затворат своите граници внатре во шенген-зоната и побарал заедничко европско решение.
Информацијата би требало да биде соопштена попладнево по видеоконференцијата на лидерите на Г7.