Да се врати мерката за исплаќање по 14 500 денари за вработен во дејностите што беа најмногу погодени од кризата предизвикана од ковид-19, предлага Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.
Поточно, предлогот на „Фајнанс тинк“ е да се доделат 14 500 денари месечно по вработен за компании кои во периодот јули-декември имале пад на приходите во однос на периодот април-јуни. Компаниите ќе треба да се обврзат на 1 октомври да имаат најмалку ист број вработени како на 30 јуни и да го задржат истиот број вработени во рок од три месеци по завршување на мерката, односно до март следната година.
Очекувањата се дека со оваа мерка би биле опфатени 68 568 работници. Месечниот трошок за реализација на мерката би бил 16,6 милиони евра, а вкупниот трошок 100 милиони евра. На работа би се вратиле 11 илјади работници што, според проценките на Институтот, е една четвртина од нововработените.
Со реализација на мерката би имало и дополнителен приход во Буџетот врз основа на данок на личен доход и придонеси од најмалку 7,2 милиони евра.