Европратениците ги повикаа Европската Унија и нејзините членки да ја засилат борбата против руските дезинформации, како и да ги прошират санкциите против руските медиуми кои спроведуваат дезинформациски кампањи, бранејќи ја агресијата против Украина
Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која ја осуди Русија за систематско фалсификување на историски аргументи со цел да ја оправда војната во Украина.

„Текстот усвоен од ЕП ги отфрла историските тврдења на рускиот режим, кој ги поткопува историјата и националниот идентитет на Украина, како залудни обиди да се оправда нејзината нелегална војна“,
соопшти Европскиот парламент.
Со резолуцијата се осудува и неуспехот на Русија да воспостави одговорност за советските злосторства, како и спречувањето на обидите да спроведе историско истражување и да одржи јавни дебати за овие прашања, наведувајќи дека таквите практики придонеле режимот во Москва да ја оживее империјалистичката политика и да ја инструментализира историјата за свои криминални цели.
Европратениците ги повикаа Европската Унија и нејзините членки да ја засилат борбата против руските дезинформации, како и да ги прошират санкциите против руските медиуми кои спроведуваат дезинформациски кампањи, бранејќи ја агресијата против Украина.
„За“ резолуцијата гласаа 480 пратеници, 58 беа „против“, а 48 беа „воздржани“.