Од ДУИ информираат дека Ахмети и лидерот на Босанскиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, се договориле тој да биде дел од изборните листи на „Европскиот фронт“ за пратеници во првата изборна единица
„Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ) од денеска е побмногуроен за уште еден политички субјект. Кон коалицијата предводена од партијата на Али Ахмети се приклучи и Босанскиот демократски сојуз.
Од ДУИ информираат дека Ахмети и лидерот на Босанскиот демократски сојуз Мунир Колашинац се договориле тој да биде дел од изборните листи на „Европскиот фронт“ за пратеници во првата изборна единица.
Вчера, генералниот совет на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во Тетово ги утврди носителите на листите за шесте изборни единици. Во единицата, носител на листата е актуелниот градоначалник на Општината Сарај и поранешен член на „Огнената група“, Блерим Беџети, во изборната единица два, носител е поранешниот градоначалник на Липково, Садула Дураку, кој воедно во два наврати беше министер – еднаш за земјоделство во периодот од 2004 до 2006 година, и за животна средина од 2017 до 2019 година.
Во третата изборна единица, носител е Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, а во четвртата, носител е Енвер Хусеин од Демократската партија на Турците на Македонија.
Во петтата изборна единица, прв на избирачкото ливче ќе биде Зијадин Села од Алијанса за Албанците, поранешен градоначалник на Струга и главен ривал на ДУИ од претходните парламентарни избори. Во шестата изборна единица, очекувано, носител на листата е претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Коалицијата „Европски фронт“ во која покрај ДУИ, учествуваат и ДПА на Мендух Тачи, крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села, Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турците на Македонија, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, и Унијата на Ромите, се обврзаа дека главните начела на нивната заедничка програма ќе бидат носење на уставните измени, евроинтеграцијата, добрососедството, бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупција, економскиот рамковен договор.
„Европскиот фронт“ едногласно ја поддржува заедничката кандидатура за претседател на кандидатот Бујар Османи, до вчера шефовите на сите политички партии дел од Европскиот фронт потпишаа заедничка изјава и се построија зад неговите 10 заложби во улога на претседател на државата.