Овие изјави, со колонијален призвук, наидоа на бројни осуди и критики, како во земјите од “Глобалниот Југ“, така и во земји како Канада. Борел неколку дена подоцна ја “дообјасни“ изјавата на својот блог, но не се извини
Контроверзни и расистички, вака Европската мрежа против расизам (ЕНАР) ги нарекла изјавите на шефот на дипломатијата на Европската Унија, Жозеп Борел и го осудила фактот што тој не се извини за изјавите, јавува дописникот на МИА од Брисел.

За потсетување, Борел минатата недела говорејќи пред студенти во Колеџот на Европа изјавил дека Европа е “градина“, а остатокот од светот “џунгла“ и дека “џунглата сака да ја освои „градината“.
Овие изјави, со колонијален призвук, наидоа на бројни осуди и критики, како во земјите од “Глобалниот Југ“, така и во земји како Канада. Борел неколку дена подоцна ја “дообјасни“ изјавата на својот блог, но не се извини.
Изјавите на Борел, како што пренесува МИА, се сметаат за невешти, особено во контекст на војната во Украина и глобалните тензии, како и обидите на ЕУ да го убеди незападниот дел од светот да воведе санкции против Русија.
Денеска Европската мрежа за борба против расизам, каде членуваат бројни невладини организации од сите земји-членки на ЕУ, и која се бори против расизмот, ксенофобијата и антисемитизмот во ЕУ, остро ги осуди и изјавите на шефот на дипломатијата на ЕУ и фактот што тој не понуди извинување, освен куса изјава во која рече дека жали ако некои луѓе се почувствувале навредено.
Европската мрежа за борба против расизмот ја нарече реакцијата на Борел “неспособност да размисли за штетните последици на давање вакви изјави полни со евроцентристички метафори“.
„Во клима на растечка закана од екстремната десница, високите претставници не треба да ја потценуваат тежината на зборовите што ги користат, особено кога тие можат да поттикнат расистички дискурс и говор на омраза во заедниците“,
порачале од организацијата.
Нејзиниот директор, Ожеаку Нвабузо рекол дека е “разочарувачки“ што Борел не признава дека неговата аналогија за градина и џунгла е проблематична.
„Како висок претставник на ЕУ неговите изјави имаат многу реални последици врз етничките заедници кои се веќе жртвено јагне во Европа“,
изјавил директорот.
ЕНАР изразува “посебна загриженост“ за описот на Европа како градина и остатокот од светот како џунгла, бидејќи со тоа се игнорира колонијалното минато на Европа и сегашните неоколонијални политики на Европа кои и натаму имаат штетни последици врз земјите од “Глобалниот Југ“.
Организацијата уште еднаш повика институциите на ЕУ да се фокусираат на потемелно размислување за длабоките промени во европските општества и конечно да се ослободат од евроцентристичките и колонијални гледишта.