Предлогот за воведување таканаречен „ковид-пасош“ за слободно движење во рамките на Европската Унија, кој ќе биде претставен денеска, ќе важи само за лицата што примиле вакцини одобрени од Европската агенција за лекови.
Причина за ваквиот предлог е фактот дека неодобрените вакцини не се опфатени со клаузулата за одговорност и контрола на квалитетот на Европската Унија.
Од Европската комисија потсетуваат дека овој документ не е пасош ниту патна исправа, туку сертификат.
„Документот ќе ја опишува медицинската состојба на лицата што го имаат. Има три димензии на здравствената ситуација: дали лицето е вакцинирано, дали лицето направило ПЦР-тест или дали има имунитет по заздравување од инфекција со ковид“,
рече портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
Тој одби да открие повеќе детали од предлогот што денеска официјално ќе биде презентиран во Брисел од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.