Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која втор мандат е на чело на извршната институција на Европската Унија, пред гласањето ја претстави програмата и составот на новата Комисија – ќе брои 27 члена, вклучувајќи ја и Фон дер Лајен како претседателка, шест извршни потпретседатели, од кои четири се жени, и 20 еврокомесари
Со мнозинство од 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“, Европскиот парламент денеска го потврди составот на новата Европска комисија (ЕК) за следниот петгодишен мандат.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која втор мандат е на чело на извршната институција на Европската Унија, пред гласањето ја претстави програмата и составот на новата Комисија – ќе брои 27 члена, вклучувајќи ја и Фон дер Лајен како претседателка, шест извршни потпретседатели, од кои четири се жени, и 20 еврокомесари.
Комесарите претходно поминаа низ сослушувања во соодветните комисии на Европскиот парламент и секој од нив доби поддршка за извршување на функцијата комесар во областа што им е доделена.
На пленарната седница на Европарламентот за време на презентацијата, Фон дер Лејен вети дека Комисијата ќе се залага за посилна, побезбедна Европа која ќе ги зголеми инвестициите во одбраната и ќе продолжи да работи на намалување на загадувањето на животната средина, дигитализацијата и зголемувањето на конкурентноста на европската економија на глобалната сцена.
European Commission 2024-2029 🇪🇺 pic.twitter.com/nhC7tl1pC1
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) November 27, 2024
Со регионот на Западен Балкан од новиот состав на ЕК ќе се занимаваат Марта Кос од Словенија, која ќе биде комесар за проширување и Каја Калас од Естонија, која ќе биде на чело на надворешната политика на ЕУ.
За време на сослушувањето во ЕП на почетокот на ноември, Марта Кос потврди дека ќе се погрижи патот кон пристапувањето во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги. Идната шефица на европската дипломатија, Каја Калас, пак, на сослушувањето потврди дека ќе се заложи за зајакнување на безбедноста на ЕУ, како и дека ќе соработува со соседите кои споделуваат заеднички вредности и аспирации за членство во ЕУ.
Новата Комисија се очекува да стапи на функција на 1 декември.