Незапаметени високи температури во Европа. Топлотниот бран кој неделава го зафати континентот предизвика голем број проблеми за државите членки на Европската Унија кои едвај се справуваат со шумските пожари. Франција, Шпанија, Португалија, Италија и Грција имаат голем проблем со шумските пожари. Од таа причина претседателот на Франција, Емануел Макрон повикува за формирање на европска флота на противпожарни авиони.
Тој вели дека климатските промени доведуваат до нови пожари кои ќе ги принудат Европската унија и Франција да донесат структурни одлуки. Најави и дека тие промени ќе следат во следните години. Тој денеска беше во посета на лозарскиот регион Жиронд кој беше погоден од најголемите пожари во последните 30 години, а уништени беа околу 20.000 хектари шума. Макрон ја поздрави човечката солидарност, која според него, доведе до конечна победа против шумските пожари, а најави и огромен национален проект за реконструкција.
„Сега ќе го стабилизираме огнот, ќе се насочиме кон победа и ќе се реконструираме“,
им кажа Макрон на мештаните и сопствениците на локални бизниси, како што се хотелите и рестораните, кои се зависни од летниот туризам.
Вели дека медитеранските држави ги чувствуваат сите последици од климатските промени. Макрон рече дека француската флота од 22 противпожарни авиони е една од најмодерните во Европа, но оти на земјата очигледно ќе ѝ треба повеќе. Според Макрон, тие треба да бидат дел од „европската флота“ која би можела да биде распоредена низ блокот од 27 држави.
Вчера повеќе од 60 француски општини ги регистрираа највисоките температури досега. Дури и Буњон, град кој се наоѓа на крајниот север од државата регистрираше температура од 39,6 целзјусови степени, или два степени повисоко од претходниот рекорд.
Грчките пожарникари во голема мера добро се справуваат со шумските пожари кои два дена беснеат северно од Атина. Пожарите беа причина за евакуација на илјадници луѓе.
„Во најголем дел пожарот е во опаѓање“,
изјавил портпаролот на противпожарната служба, пренесува Гардијан.
Меѓутоа, речиси 500 пожарникари, 120 возила, десетина авиони и 10 хеликоптери беа вклучени во борбата со шумските поаржи во предградијата на грчката престолнина кадешто живеат околу 90.000 луѓе.
И Португалија се бори со шумските пожари. Високите температури и силните ветрови ја отежнуваат борбата со огнената стихија која зафати помеѓу 10 и 12 илјади хектари во близина на Мурка.
Шпанските пожарникари, пак, се борат на пет фронта. Огнот беснее во пет различни региони, но проблемот е што националната метеролошка служба сега предвидува дека на крајот на оваа недела температурите ќе бидат уште повисоки од денеска.
Италија гори во повеќе региони. Најсилниот пожар е во близина на Трст и градот е под закана дека ќе остане без вода и струја. Локалните власти соопштија дека во централниот регион пожарникарите цели три дена се бореа со пожар кој уништи околу 560 хектари шума, а принуди евакуација на околу 50 луѓе.
14 италијански градови, меѓу кои Рим, Милано и Фиренца утре ќе бидат ставени на највисока тревога бидејќи очекувањата дека се дека температурата ќе достигне 30 целзјусови степени на северот и во централниот дел од државата.
Вчера за првпат 40 степени достигна и Велика Британија, надминувајќи го претходниот рекорд за 1,6 степени. Според локалните медиуми, лондонските пожарникари вчера го имале најпрометниот ден од Втората светска војна наваму.