Италијанската влада размислува за продолжување на вонредната состојба поради пандемијата до 31 јануари, објавија „Месаџеро“ и „Кориере дела сера“.
Она што ги тера властите да размислуваат за продолжување на сегашните мерки е зголемениот број заразени со ковид-19 на национално и глобално ниво.
Италија во јануари годинава воведе шестмесечна национална вонредна состојба, која подоцна ја продолжи од јули до крајот на октомври.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте неодамна изјави дека земјата ќе се соочи со уште една блокада за да се ограничи ширењето на заразата и дека владата ќе преземе и други ограничувања.
Делумен карантин за Мадрид
Властите на шпанскиот главен град, Мадрид најавија дека на жителите ќе им биде забрането да го напуштаат градот без неопходна потреба, а на посетителите исто така ќе им биде забрането да доаѓаат во градот доколку тоа не е неопходно. Тоа е предвидено со новите мерки за борба против коронавирусот што ги објави шпанската Влада.
Освен за Мадрид, планирани се нови мерки и за уште девет града.
Министерот за здравство Салвадор Илја на прес-конференција соопшти дека новите мерки ќе стапат во сила во наредните денови, но не прецизираше кога.
Според новите правила, на жителите на овие населени места ќе им биде дозволено да одат од општина до општина само за работа, училиште, лекар или да купуваат.
Исто така, се планира работата на баровите и рестораните да биде ограничена до 23 , наместо до 1 часот наутро како порано, а јавните паркови и игралишта ќе бидат затворени.
Собирите ќе бидат ограничени на шест лица.
Шефот на регионалната здравствена служба, Енрике Руиз Ескудеро, изјави дека локалните власти не се согласуваат со одлуката за затворање на Мадрид и дека одлуката не е законски валидна.
Тој додаде дека ситуацијата во Мадрид се стабилизира и дека локалните власти се подготвени за дијалог со централната влада.
Регионот Мадрид во моментов е една од областите кои се со најголем ризик од ширење на ковид, каде што се евидентирани една третина од 133 604 случаи на заразени кои се потврдени во последните две недели.
Мадрид има 735 активни случаи на 100 000 жители, што е повеќе отколку во кој било друг регион на Европа и двојно повеќе од националната стапка.
Регионалното собрание веќе воведе карантин во 45 претежно сиромашни области со доминантно мигрантско население.