Под радарот на медиумите помина пораката на Вархеји во која признание за реформските постигнување на државава им оддаде „не само на оваа влада, туку и на претходната и на онаа пред неа“
Случајно или намерно, еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, на вчерашната прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски, зборувајќи за напредокот што го постигнала земјава, употреби формулација со која им оддаде признание на владите на Спасовски и на Зоран Заев, но и на владата пред онаа на Заев.
„Морам да го пофалам и да го признам напредокот што досега го постигна Северна Македонија. Северна Македонија е стабилна во реформите благодарение на низата влади кои ги посветија своите напори за тоа да се случи, не само оваа влада туку и претходната влада и владата пред неа“,
рече Вархеји.
Строго фактографски пристап би нè довел до заклучок дека, враќајќи се наназад, Вархеји застана до владата што ја предводеше Емил Димитриев, која наместо сто дена имаше мандат од речиси една и пол година – од оставката на Никола Груевски на 15 јануари 2016 година до изборот на владата на Зоран Заев на 1 јуни 2017 година.
Но, бидејќи владата на Димитриев беше техничка, во нејзиниот мандат немаше крупни реформски поместувања, напротив – во тој период кулминираше политичката криза со настаните на 27 април 2016 година, не треба да се исклучи дека Вархеји можеби мислел на владата на Никола Груевски. Особено што тој е Унгарец и беше номиниран за еврокомесар од владата на Виктор Орбан, која му даде азилантско прибежиште на бегалецот Груевски.
„За Груевски, прашајте ги унгарските власти“
На вчерашната прес-конференција, Вархеји се соочи со прашање дали враќањето на поранешниот премиер Никола Груевски (од Унгарија во Македонија) би придонело да се забрзаат реформите и да се врати довербата на граѓаните во судството.
„Не мислам дека Комисијата ја има поставено оваа цел, односно дека целта на реформите во судството во Северна Македонија е да се врати поранешниот премиер од земја членка на ЕУ. Се работи за национална способност, ЕУ или Европската комисија немаат што да кажат на ова прашање, па најдобро е ова прашање да го упатите до унгарските власти“,
одговори Вархеји.
Тој порача дека во земјава може и мора да има реформа на судството и немешање на политиката, а во насока на тие реформи во неколку наврати го спомена и законот за јавно обвинителство, како приоритет за земјава.
Вархеји изрази очекување дека тој закон треба да се донесе од актуелниот пратенички состав, што би значело за помалку од еден месец пред распуштањето на Собранието во пресрет на предвремените парламентарни избори договорени за 12 април.
Цела кариера поврзана со ЕУ
Четириесет и седумгодишниот Оливер Вархеји не беше прв избор на Виктор Орбан за комесарската позиција, но се наметна како решение откако првата номинација на Унгарија – ексминистерот за правда Ласло Трочањи не ја доби довербата од Европскиот парламент.
Пред да биде потврден за комесар за соседство и проширување во ЕК, беше постојан претставник (амбасадор) на Унгарија во Европската Унија (2015-2019 г.), а претходно и заменик-постојан претставник (2011-2015 г.). Во кариерата, која речиси целосно му е поврзана со Европската Унија, бил прв човек на генерален директорат во Европската комисија (2008-2011) и извршувал повеќе одговорни позиции во министерствата за правда и за надворешни работи на Унгарија. Завршил мастер по европски правни студии во Алборг, Данска (1994 г.), а има диплома по право и од Универзитетот во родниот Сегедин, Унгарија (1996 г.)