Директорот Ангелов му се заблагодари на евроамбасадорот Гир за поддршката од механизмот на ЕУ за цивилна заштита и неговото лично присуство и поддршка на здружените напори на националните и меѓународните сили за одбрана од разбеснетата огнена стихија
Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, денеска учествуваше на редовниот утрински брифинг на националните и странските воздухопловни тимови и директно на пистата од воениот дел од аеродромот се запозна со противпожарните активности, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Евроамбасадорот Гир и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, од посадите на хеликоптерите и авионите пристигнати преку механизмот на ЕУ за цивилна заштита беа запознаени со перформансите и учинокот и имаа можност да ги видат леталата пред да започнат со нивните цели предвидени за денес“,
соопшти ЦУК.
Сите домашни и странски сили, и од земја и од воздух, како што се вели во соопштението, согласно оптималните услови на техниката и ситуацијата на терен, храбро и одлучно се борат да ги згаснат пожарите што зедоа замав во нашата држава.
„Директорот Ангелов се заблагодари на евроамбасадорот Гир за поддршката од механизмот на ЕУ за цивилна заштита и неговото лично присуство и поддршка на здружените напори на националните и меѓународните сили за одбрана од разбеснетата огнена стихија. Потоа Ангелов ги посети пилотите на авионите на ДЗС“,
посочуваат од ЦУК.