Загубите се проблем на ниво скоро на цела територија на Македонија, а за Скопје особено. Скопје е регион со највисок процент на загуба. Тетово има помали загуби од Битола. Така што, не е секогаш поврзано тоа етнички и зависи од многу други фактори
Арачиново е општина која во јуни и јули има најмала загуба на електрична енергија од 10 отсто, во Липково ќе бидат под 10 отсто, а Скопје со 20 проценти е регион со најголеми загуби на електрична енергија, изјави директорот на „ЕВН електродистрибуција“, Сашо Салтировски.
Според него, не е точно дека етничката припадност игра улога во загубата на електрична енергија.
„Не е точно дека загубите на електрична енергија во мрежата се поврзани со етничката припадност на населението. Липково ќе биде прва општина во земјава целосно покриена со смарт броила за електрична енергија и со загуби од 10 проценти, а Скопје е регион со највисоки загуби од 20 проценти“,
рече Салтировски.
Тој вели дека во Арачиново веќе е решен проблемот со броилата и тие се надвор на улица.
„Во Арачиново броилата се надвор на улица и таму има 10 проценти загуби во јуни и во јули, така што тој проблем е веќе среден. Арачиново има загуби од 10 проценти, тоа е на ниво на технички загуби и се едни од најниските на ниво на цела Македонија. Во Слупчане проектот оди мазно и веќе се привршува така што општина Липково ќе биде првата општина во Македонија целосно покриена со смарт броила и цела општина со загуби под 10 проценти“,
рече Салтировски денеска одговарајќи на новинарско прашање при посета на лабораторијата на ЕВН каде што се врши испитување и верификација на електрични броила.
Како што нагласи Салтировски, ЕВН во Липково работи на загубите на енергија повеќе од 10 години, а работи и на многу други места, како што се Грчец и Батинци, но почнува проекти и во Драчево и во Лисиче.
„Загубите се проблем на ниво скоро на цела територија на Македонија, а за Скопје особено. Скопје е регион со највисок процент на загуба. Тетово има помали загуби од Битола. Така што, не е секогаш поврзано тоа етнички и зависи од многу други фактори, дали се политички или економски, но не е поврзано етнички како што беше прикажано. На пример, Кичево, Струга имаат мали загуби, а 20 проценти се во цело Скопје. И кај и да одите во Скопје, дали сте во Лисиче, дали сте во Драчево, особено во руралниот дел каде што нема колективни згради секаде има загуби. И тоа е вистината“,
додаде Салтировски.