Вчера израелската армија им нареди на Палестинците што живеат во населбите во источниот дел од Рафах, во близина на границата со Израел, да се евакуираат од областа пред планираната воена операција во градот
Евентуална офанзива врз Рафах би била стратешка грешка, политичка катастрофа и хуманитарен кошмар, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој ги повика Израел и Хамас да вложат максимални напори за постигнување примирје.
Израелските сили ја презедоа контролата врз палестинската страна на преминот Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој е клучна стратешка точка и единствената порта за влез на хуманитарна помош во Појасот, соопштија утрово израелски воени претставници.
„Вознемирен сум и загрижен поради обновената воена активност во Рафах. Затворањето на контролните пунктови Рафах и Керем Шалом ја влошува и онака страшната хуманитарна ситуација. Тие мора веднаш да се отворат“,
посочи Гутереш.
Портпаролката на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Равина Шамдасани, нагласи дека цивилите на кои им е наредено да се евакуираат од Рафах немаат безбедни патишта кон север, безбедни засолништа, храна и санитарни материјали.
„Ова се основните хуманитарни барања за евакуација. Постојат силни индикации дека тоа се прави со кршење на меѓународното хуманитарно право“,
нагласи Шамдасани.
Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања Јенс Лерке, посочи дека израелските сили ги игнорирале сите предупредувања за влијанието од офанзивата во Рафах врз цивилното население.
„Ова утро е едно од најтемните во овој седуммесечен кошмар. Се чини дека нашите најлоши стравови се остваруваат“,
наведе портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер.
Според Хамас заземањето на контролниот пункт Рафах од страна на Израел би било опасна ескалација, што би ја влошило хуманитарната ситуација во Појасот Газа и би ја попречило испораката на помошта.
„Палестинците во Газа се подложени на војна за истребување и систематско гладување. Ова ја потврдува намерата на окупаторската сила да ги попречи напорите за преговори за примирје и ослободување на затворениците“,
се истакнува во соопштението од Хамас.
Хамас воедно ги повика САД и меѓународната заедница да извршат притисок врз Израел да стави крај на ескалацијата.
Инаку, Израел подолг период најавува копнена операција врз градот Рафах во рамките на војната со Хамас во Газа, но нејзиното спроведување не доби отворена поддршка од Соединетите Американски Држави (САД), кои бараат од Израел првин да ја осигура хуманитарната помош за жителите на Појасот.
Вчера израелската армија им нареди на Палестинците што живеат во населбите во источниот дел од Рафах, во близина на границата со Израел, да се евакуираат од областа пред планираната воена операција во градот.
Присуството на израелски тенкови на преминот Рафах утрово го потврдил и портпаролот на граничната управа на Газа, а претставници на службите за помош на територијата соопштиле дека протокот на помош преку преминот е запрен, пренесува британски „Гардијан“.
Израелската операција доаѓа во пресрет на новата рунда преговори за прекин на огнот кои се водат во Каиро по најавата на лидерите на Хамас од вчеравечер дека ќе го прифатат неодамнешниот предлог за договор доставен од страна на Египет и Катар, кои посредуваат во преговорите. Израелските власти велат дека ќе испратат делегација на понатамошни разговори иако, според нив, понудениот предлог не ги исполнува нивните основни барања.