Министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе се состанат неформално во Германија на крајот на оваа недела, а една од главните теми на разговорите ќе бидат таргетираните санкции против лица блиски до режимот на Александар Лукашенко, јави МИА од Брисел, повикувајќи се на највисоки дипломатски извори.
Засега е неизвесно колку и кои лица ќе се најдат на списокот за санкции. ЕУ планира тоа да бидат помеѓу петнаесет и дваесет лица, инволвирани во изборните измами од 9 август и во репресијата врз демонстрантите по изборите, објаснуваат дипломатите во Брисел.
На неформалниот состанок на крајот на оваа недела, министрите не можат да донесат одлука за санкции, но можат да постигнат компромис за предлог санкции кој потоа треба да биде усвоен на формален состанок.
Во минатото се случувало санкции на ЕУ да бидат укинати од страна на судот за правда во Луксембург. Поради ова, велат дипломатите, важно е да имаат цврсти докази за лицата кои ќе се најдат на списокот, а истовремено одлуката да биде донесена и усвоена доволно брзо за да испрати позитивен политички сигнал до граѓаните во Белорусија дека ЕУ не се откажува од санкции.
Иако начелно се разгледуваат помеѓу петнаесет до дваесет лица, не е исклучено да се намали бројката, ниту пак е исклучено да се зголеми, вели висок дипломатски извор од ЕУ.
Целта на европските санкции е да се промени однесувањето на блиските до претседателот Лукашенко, чија изборна победа ЕУ не ја признава, со оглед на масовните протести и отсуството на меѓународни набљудувачки мисии на денот на изборите.
Засега ЕУ се соочува со силен отпор од страна на белорускиот режим и на Лукашенко, кој одбива да седне на преговарачка маса со опозицијата и граѓанското општество.
Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат и за последиците на одбивањето дијалог од страна на белорускиот режим.
Белоруската дисидентка Светлана Тихановскаја од Литванија, каде што се наоѓа во егзил, се обрати пред Европскиот парламент изутринава и потврди дека опонентите на режимот на Лукашенко се подготвени за преговори со власта.
Тихановскаја беше поканета утрово да одржи говор пред комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Таа ги повика Европската Унија и меѓународната заедница да го почитуваат суверенитетот на белорускиот народ, кој со недели мирно протестира против резултатите од изборите од почетокот на овој месец.