Вакцинален статус, прележан ковид или негативен тест остануваат главни услови
Се препорачува да се применат мерки против коронавирусот земајќи го предвид индивидуалниот статус наместо состојбата на регионално ниво, со исклучок на областите каде што вирусот циркулира на многу високо ниво
Според усвоените нови препораки на Советот на ЕУ, кои не се обврзувачки и им оставаат на земјите-членки одлуката за нивната примена, вакцинацијата, тестирањето или статусот на прележан ковид-19 треба да бидат клучни детерминанти на патувањето.
Затоа, се препорачува да се применат мерки против коронавирусот земајќи го предвид индивидуалниот статус наместо состојбата на регионално ниво, со исклучок на областите каде што вирусот циркулира на многу високо ниво.
„Ова значи дека вакцинацијата, тестирањето или статусот на закрепнување од ковид-19, како што е потврдено со важечкиот дигитален сертификат на ЕУ за ковид, треба да биде клучна одредница. Пристапот заснован на личност значително ќе ги поедностави правилата и ќе обезбеди дополнителна јасност и предвидливост на патниците“,
велат од Советот на Европа.
Оваа препорака ќе стапи на сила на 1 февруари 2022 година, од кога рокот на важност на сертификатот за ковид ќе се ограничи на 270 дена.
Валиден дигитален сертификат за ковид вклучува:
-Сертификат за вакцинација со вакцина одобрена на европско ниво со поминати најмалку 14 дена и не повеќе од 270 дена од последната доза од примарната серија на вакцинација или ако лицето примило засилена доза. Земјите-членки, исто така, би можеле да прифатат сертификати за вакцинација за вакцини одобрени од националните власти или СЗО, се вели во препораките на Советот;
-Негативен резултат од ПЦР тест добиен не повеќе од 72 часа пред патувањето или негативен брз антигенски тест добиен не повеќе од 24 часа пред патувањето;
-Потврда за прележан ковид што покажува дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен резултат од тестот.
На лицата кои немаат дигитален сертификат за ковид на ЕУ може да се бара тест пред или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Децата под 12-годишна возраст, како и патниците со суштинска причина за патување, се изземени од ова правило.
Препораките на Советот не се правно обврзувачки, така што органите на земјите-членки треба да одлучат за нивното спроведување.