Тој предвидува Унијата до 2030 година да ја намали емисијата на штетни гасови за 55% во однос на 1990 година
Законот допрва треба да биде официјално одобрен од Советот на ЕУ и Европскиот парламент
Преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за законот за клима, според кој Унијата до 2030 година ќе ја намали емисијата на штетни гасови за 55% во однос на 1990 година.
„Воодушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка определба да станеме прв климатски неутрален континент до 2050 година сега е исто така и законска обврска“,
рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според постигнатиот договор, целта е да се намалат штетните емисии на гас за 55% до 2030 година, во однос на сегашните 40%.
Како што јавуваат светските агенции, договорот ја потврдил позицијата на Европскиот совет, кој во декември минатата година го поддржа предлогот на Комисијата за намалувањето за 55%, додека првичната позиција на Европскиот парламент беше 60%.
„Денешниот договор, исто така, ја зајакнува нашата глобална позиција како лидер во справувањето со климатската криза. Кога светските лидери ќе се соберат на Денот на планетата Земја, ЕУ ќе излезе со оваа позитивна вест за која се надеваме дека ќе ги инспирира нашите меѓународни партнери. Ова е добар ден за нашиот народ и нашата планета“,
рече извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс.
Во последните неколку месеци немаше никаков напредок во преговорите меѓу претставниците на земјите членки и Европскиот парламент, сè до последниот состанок, кој започна вчера рано попладне и заврши утрово во пет часот.
Законот допрва треба да биде официјално одобрен од Советот на ЕУ и од Европскиот парламент.