Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека Европска Унија не планира Белорусија да стане „втора Украина“ и оти треба да продолжи дијалогот со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Тензиите помеѓу Европа и Русија завршија со истрели, насилство и распад на украинската територија, што и понатаму трае“,
изјави Борел во интервју за шпанскиот дневен весник „Паис“.
Тој потенцира дека треба да продолжи дијалогот со Лукашенко за надминување на кризата во Белорусија.
Антивладините протести во Белорусија не стивнуваат. Белоруски новинар на „твитер“ објави дека во моментот на улиците на главниот град на Белорусија има повеќе од 250.000 луѓе, додека според проруските агенции бројот на демонстранти изнесува 70.000.
На протестите им се приклучија и работниците од фабриката МТЗ и рударите од Солигорска, кои се во штрајк и покрај вчерашните предупредувања од белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ако не се вратат на работните места ќе добијат отказ.
Демонстрациите во Белорусија почнаа на 9 август поради незадоволство од изборините резултати според кои Лукашено го освои шестиот мандат со над 80 отсто од гласовите.
Демонстрантите бараат оставка од Лукашенко, додека тој тврди дека протестите имаат финансиска и воена поддршка од Запад.