Проблемот е што Бугарија во изминатите 30 години нема оформено една позиција во однос на односите со Република Северна Македонија. Треба да го промениме нашиот тон за односите кон граѓаните и политичарите на Северна Македонија, смета експретседателот на Бугарија и порачува дека Софија не знае што сака самата од себе
Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов во изјава БТВ изразува принципиелна согласност со изјавите на мандатарот мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, во врска со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.
Во изјавата тој зборува за историјата, бугарските позиции и национални интереси, па проценува дека во моментов треба да се излезе од историјата и конечно во Бугарија треба да се постигне консензус дали имало фашизам или не затоа што, како што нагласува, сите сме учеле дека во Бугарија имало „монархофашизам“. Тој повика да се читаат историчарите од тој период или познатиот интелектуалец Цветан Тодоров кој го кажал истото.
„Дури има и партии кои официјално тврдат дека во Бугарија имало фашизам. Бугарија знае што сака од Северна Македонија, но Софија не знае што сака од себе. Немаме една позиција и не знаеме за што зборуваме“,
потенцираше Стојанов.
Поранешниот бугарски претседател, која ја извршуваше таа должност од 1997 до 2002, ја наведе за пример Втората балканска војна во 1913 година, кога бугарска воена единица казнила неколку села во тиквешкиот регион во кои живееле Срби.
„Искрениот патриотизам е многу важен, но тој не секогаш води до носењето на најмудрите и одговорни решенија“,
потенцираше Стојанов.
Тој го коментираше и продолжениот рок од шест месеци за решавање на проблемите, од страна на бугарскиот премиер Кирил Петков, истакнувајќи дека искусните политичари не поставуваат рокови.
„Подобро е да не се работи со рокови, затоа што медиумите започнуваат со одбројување и кога ќе дојде 15 јуни тие ќе прашаат што направил“,
рече Стојанов.
Поранешниот бугарски претседател истакна и дека бугарскиот национален интерес не е само заштита на македонските Бугари, туку и Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
„Бугарскиот национален интерес не е еднонасочен вектор, во него има многу димензии, така што не е точно дека сме против влезот на Северна Македонија во ЕУ за да го заштитиме бугарскиот национален интерес. Не е коректно да се каже дека ЕУ врши притисок врз Бугарија, туку Унијата не ја разбира“,
истакна Стојанов.
Тој потсети дека по 1945 година Македонија станува Република во Југославија, рамноправна со Хрватска и Словенија.
„Проблемот е што Бугарија во изминатите 30 години нема оформено една позиција во однос на односите со РСМ. Треба да го промениме нашиот тон за односите кон граѓаните и политичарите на Северна Македонија. Нема зошто бугарските новинари да го употребуваат изразот ’ќе ги оставиме да поцимолат пред портите на ЕУ‘ и ’треба да дојдат и да ни ја бакнат раката‘. Таквиот патерналистички тон треба веднаш да биде запрен“,
потенцираше Стојанов.
Тој се обрати до искрените претставници на бугарските патриоти, посочувајќи им дека Бугарија не се подготвува да ѝ објави војна на Северна Македонија, туку напротив, заедно со неа да биде членка на Европската Унија.