Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека вакцинацијата против ковид-19 ќе спаси животи и ги повика земјите-членки да се подготват за почетокот на вакцинацијата на своите граѓани, пренесе МИА.
„Ние исто така се грижиме за нашето соседство. ЕУ ќе ги координира донациите за вакцини од земјите-членки, кои првенствено ќе имаат за цел да ги заштитат здравствените работници во Западен Балкан и во нашето соседство“,
рече денеска фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ треба да работи „со полна брзина“ за да ја процени безбедноста на вакцините и да ги направи достапни за граѓаните.
Вакцината на „Фајзер“, според очекувањата на Лајен, ќе биде одобрена до крајот на годината. Евалуациите на вакцините на „Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“ исто така се во тек во Европската агенција за лекови.
ЕУ досега има потпишано договори со шест фармацевтски компании, што произведуваат вакцини во Европа, за набавка на околу 1 милијарда и 360 милиони дози на потенцијални вакцини против ковид-19.