Еврокомесарот Оливер Вархеји соопшти дека сите исплати се суспендирани, сите проекти се ставени под ревизија и сите нови буџетски предлози, вклучително и оние за 2023 г., се одложени до дополнително известување
Европската Унија денеска соопшти дека веднаш прекинува со дел од помошта и ја става под ревизија целата своја развојна помош од 691 милион евра за Палестинците по нападот на Хамас врз Израел, што предизвика нова војна на Блискиот Исток.
„Размерите на теророт и бруталноста против Израел и неговиот народ е пресвртна точка… Како најголем донатор на Палестинците, Европската комисија го разгледува своето целосно развојно портфолио, во вкупна вредност од 691 милион евра“,
напиша еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на социјалната мрежа „X“ (поранешен Твитер).
•All payments immediately suspended.
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) October 9, 2023
•All projects put under review.
•All new budget proposals, incl. for 2023 postponed until further notice.
•Comprehensive assessment of the whole portfolio.
Еврокомесарот соопшти дека сите исплати се суспендирани, сите проекти се ставени под ревизија, сите нови буџетски предлози, вклучително и оние за 2023 г. се одложени до дополнително известување, како и дека во тек е целосна ревизија на развојната помош.
„Сега е неопходно да се позанимаваме со темелите на мирот, толеранцијата и соживотот… Поттикнувањето на омразата, насилството и глорификацијата на теророт премногу ги затру умовите“,
вели еврокомесарот, пренесе Ројтерс.
Информациите што ги соопшти Вархеји доаѓаат откако претставници на ЕУ рекоа дека парите на Европската комисија не оделе за проектите на Хамас и дека немале дијалог со Хамас од 2007 година. ЕУ го смета Хамас за терористичка група.
Германија и Австрија, исто така, претходно најавија прекин на помошта за Палестинците, додека други земји како Италија изјавија дека прекинот на помошта не е предмет на дискусија.
Европа е еден од главните извори на помош за окупираните палестински територии, каде што Обединетите нации проценуваат дека хуманитарна помош е потребна за околу 2,1 милион луѓе, меѓу кои и еден милион деца, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на информациите што ги пренесуваат светските агенции.
Министрите за надворешни работи на ЕУ за утре најавија состанок на кој ќе се разгледува ситуацијата на Блискиот Исток по неочуваниот и брутален напад на Хамас на Израел.
Претходно денеска Австрија ја суспендира помошта за Палестинците во износ од околу 19 милиони евра за неколку проекти, како одговор на нападот на Хамас врз Израел, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг.
Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак, запрашан дали Велика Британија планира да ги следи Австрија и Германија, рече дека Обединетото Кралство претходно обезбедувало помош за палестинските бегалци преку Обединетите нации и дека не знае за какви било планови за промена на нејзиниот пристап.
Во судирите што уследија по истрелувањето на илјадници ракети на Хамас врз Израел на 7 октомври, загинаа најмалку 700 Израелци, додека израелските воздушни напади убија најмалку 436 луѓе во Појасот Газа.