Коронавирусот е глобална криза, не е лимитиран на еден континент и бара соработка наместо еднострано дејствување, се вели во реакцијата на Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел
Првите луѓе на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, денеска изразија несогласување со одлуката на американската администрација да ги забрани летовите од и кон земјите на ЕУ во наредните триесет дена поради коронавирусот.
„Коронавирусот е глобална криза, не е лимитиран на еден континент и бара соработка наместо еднострано дејствување. ЕУ не се согласува со фактот што САД одлучи да забрани патувања еднострано и без консултации“,
кусо соопштија кабинетите на Фон дер Лајен и Мишел.
Претходно утрово, Мишел на Твитер во првичната реакција на одлуката на Трамп, напиша дека ваквиот потег не смее да се одрази врз економијата.
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша одлука за забрана за влез на државјани од 26 европски земји во следните 30 дена со цел да се запре ширењето на новиот коронавирус.